Двајца агенти на американското Федерално истражно биро (ФБИ) пристигнаа во Албанија за да помогнат во истрагата за перење пари и организиран криминал.
Како што јавија албанските медиуми, агентите пристигнале во Тирана по серијата скандали со шверц на дрога во Западна Европа, во која биле вклучени и високи функцонери.
Специјалните агенти Марк Нохаус и Џек Лиао ќе го истражуваат организираниот криминал во Албанија со полицајци од Германија, Велика Британија и Италија.
– Првото големо апсење е најавено за почетокот на следната година. Партнерите очекуваат, народот го бара тоа, изјави американскиот амбасадор во Тирана, Доналд Лу по средбата во Министерството за правда во Тирана, на која присуствуваа и агентите на ФБИ.
Акцијата на неколку западно европски земји и САД следуваше откако италијанската полиција заплени неколку тони марихуана и ги уапси водачите на албанската банда, кои го организирале транспортот на дрога од Албанија за Италија.
Западните експерти тврдат дека во Албанија годишно се произведуваат повеќе од 1.500 тони марихуана, во вредност од речиси осум милијарди евра. Во оваа земја не постои ниту една економска гранка способна за генерирање на таков капитал.
Во истрагата околу апсењата, потврдена е поврзаност на високи претставници на Владата во Тирана со мафијата, по што обвинителството за тешки кривични дела започна истрага против поранешниот министер за внатрешни работи, Саимир Тахири, чие име се споменува повеќепати во прислушуваните разговори.
На Тахири кој беше избран за пратеник на јунските избори, му беше одземен имунтетот. Тој, пак, категорично тврди дека станува збор за друго лице со ист идентитет, за што поседува и документ од италијанско обвнителство.
Албанија има долга традиција на одгледување марихуана, која пред доаѓањето на Енвер Хоџа на власт слободно се користела како средство за смирување на децата. Во времето на Хоџа, одгледувањето на ова растение им било дозволено само на одредени комбинати, кои главно го извезувале на швајцарски фармацевти.