Владата денеска ќе ја одржи 36-та седница на која ќе разгледа прашања од повеќе области, а меѓу нив и Предлог-измените на Законот за административни службеници.

На дневен ред на седницата е Уредбата за распоредувањето на одредени стоки во Комбинираната номенклатура согласно со регулативите на Европската комисија, а на предлог на вицепремиерот за економски прашања ќе биде разгледана информацијата за склучување на меморандум за разбирање со Швајцарската агенција за развој и соработка за програма за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој.

На предлог на Генералниот секретаријат, министрите ќе расправаат и за предлог-измените на Одлуката за формирање на Совет за соработка меѓу Владата на Република Македонија и граѓанскиот сектор.

Во делот на железничката инфраструктура ќе бидат разгледани предлог-измените на Одлуката за основање на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Македонски железници и информацијата за потреба од доставување на апликација за обезбедување на техничка помош грант средства од Акцискиот план CONNECTA за проектот „Изградба на заеднички железнички граничен премин со придружни содржини „Табановце“ меѓу Македонија и Србија, за изработка на техничка документација за пристапен пат меѓу патниот и железничкиот премин.

На предлог на Јавното претпријатие „Македонски шуми“ на оваа владина седница ќе биде разгледана информацијата за спроведување на пошумувањето предвидено со акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“ за есенскиот дел во 2017 година.

Пред членовите на Владата на денешната седница, Управата за извршување на санкции ќе ја презентира информацијата за напредокот на проектот „Реконструкција на казнено-поправните установи во Република Македонија“ и информацијата за изградба на притворско одделение со придружни објекти и судница во Казнено-поправната установа „Идризово“.

Министрите во владата на денешната седница ќе расправаат и за предлог-измените на Правилникот за начинот и постапката на вршење на официјалните контроли на производите од животинско потекло наменети за исхрана на луѓето, на предлог на Агенцијата за храна и ветеринарство, како и предлог-измените на Програмата за финансиска поддршка во рибарството и аква културата за оваа година.

Од страна на Министерството за економија ќе биде презентирана информација за текот на преговори за пристапување кон спогодбата на Светската трговска организација за јавни набавки со предлог-текст на иницијална понуда, а ќе биде разгледана и информацијата во врска со извршената евалуација од јавниот повик за доделување концесии за детални геолошки истражувања на минерални суровини. На дневен ред е и информацијата во врска со донесување на Програма за изменување на Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2017 година. Министрите ќе ја разгледаат и информацијата во врска со донесување на Програма за изменување на Програмата за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата и за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата за 2017 година.

На предлог на Министерството за економија, владата денеска ќе го разгледа извештајот за реализација на Програмата за реализација на „Стратегијата за развој на енергетиката за период 2013 – 2017 година“, за 2016 година, а Управата за јавни приходи, на предлог на Министерството за финансии, ќе ја презентира информацијата на Управата за јавни приходи за прогрес во реализација на проектот “Е-Аукции – продажба на запленета стока за наплата на даночни долгови во првото полугодие на 2017 година”.

Министерството за животна средина и просторно планирање на седницата ќе ја презентира информацијата за напредокот во спроведување на ЕУ-ИПА проектот „Изградба на пречистителна станица за отпадни води Прилеп“.

На денешната владина седница е и Предлог-решението за именување претседател, национално контакт лице, членови и секретар на Националната комисија за мало и лесно оружје, како и извештаите за работата на повеќе јавни претпријатија и други друштва и компании во државна сопственост.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/11/2017 01:47