Соработката меѓу парламентите на Македонија и на Хрватска, регионалната соработка на земјите од Западниот Балкан во рамките на европските процеси, како и европските перспективи на целиот регион бите теми на разговор на вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи со потпретседателот на хрватскиот Сабор Жељко Рајнер, како и со претседателите на комисиите за европски прашања и за надворешна политика при Саборот Домагој Иван Милошевиќ и Миро Ковач.

Како што соопшти СЕП, на средбите вицепремиерот Османи го потенцираше новиот политички наратив во Република Македонија, кој е во насока на европскиот оптимизам кој е проширен и во целиот регион, но и кај земјите членки на Унијата.

– Со повеќето соговорници беа разменети мислења за предизвиците со кои се соочува регионот, начините како да се обезбеди кредибилност на европските перспективи, процесот на проширување на Европската унија со земјите од Западниот Балкан, како и соработката меѓу земјите од регионот. На средбите беа отворени и прашањата за справувањето со европските предизвици, како што се лажните вести, пробивот на радикалниот популизам, национализмот, геополитичко влијание од Исток, предизвиците на мигрантската криза итн, се наведува во соопштението.

На средбите било констатирано дека сите регионални и европски предизвици на Балканот треба да се решаваат во насока на европските вредности, и најдобро, со засилување на европските перспективи на регионот, како и со задржување на кредибилноста на процесот на проширување.

– Само кредибилните европски и евроатлантски перспективи на Балканот можат да ги затворат регионалните предизвици, истакнал Османи.

Во рамките на посетата на Хрватска, вицепремиерот Османи претходно имаше средба и со неговата колешка Марија Пејчиновиќ-Буриќ, заменик претседателката на Владата на Република Хрватска и министерка за надворешни работи и европски прашања. На маргините од посетата, Османи имаше и обраќање пред дипломатските претставници во Хрватска, која се одржа во просториите на Делегацијата на Европската Унија во Загреб на тема „Нова страница за Македонија: 2018 – година на кредибилна перспектива за проширување“, наведуваат од СЕП.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/11/2017 01:54