Хелсиншкиот комитет денеска преку соопштение реагира на вчерашното неизгласување на препораките на експертската група на Рајнхард Прибе содржани Извештајот на Народниот правобранител во Собранието, поради немање доволно присутни пратеници.

– Собранието на РМ одби да ја задолжи Владата да ги подобри состојбите во сферата на човековите права со конкретни мерки содржани во Извештајот на Народниот правобранител. Апелираме до пратениците, особено до владејачкото мнозинство, во најбрз можен рок да ги изгласаат мерките содржани во извештајот на Народниот правобранител каде се наведени препораките на Прибе, наведуваат од Хелсиншкиот комитет.

Нагласуваат дека имплементацијата на препораките од Извештајот на експертската група предводена од Прибе мора да биде главен приоритет на Собранието и Владата за државата да го забрза евроинтегративниот процес, како и да обезбеди ефикасна заштита на човековите права и слободи на граѓаните.

– Во најмала рака е несериозно владејачкото мнозинство да нема обезбедено кворум за изгласување на вакви исклучително важни мерки. Потсетуваме дека пратеничките групи во законодавниот дом мораат да ги имаат како приоритет човековите права и слободи во својата работа и препорачуваме да не дозволуваат технички аспекти како немање доволно присутни пратеници на гласањето да пречат во спроведувањето на главните приоритети на реформскиот процес, се вели во соопштението од Хелсиншкиот комитет.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/11/2017 02:35