Признавањето на бугарското малцинство во Албанија претставува геноцид врз Македонците во Албанија, во која никогаш немало и нема Бугари.
Ова во интервју за тиранската телевизија „Тема“ го изјави Васил Стерјовски, генерален секретар на партијата на Македонците во Албанија, Македонската алијанса за европска интеграција(МАЕИ).
- Во Албанија има македонско малцинство, а она што се прави не е реалност туку вештачки создадено малцинство во Албанија. Според сите исторски факти, како и состојбата на терен нема бугарско, туку станува збор за македонско малцинство. Тоа е стара бугарска стратегија за Санстефанска Бугарија, Голема Бугарија. Признавањето на бугарско малцинство од страна на албанската држава претставува геноцид врз Македонците во оваа земја и е во спротвност со националните интереси на Албанија, вели Стерјовски.
Според него, Бугарите со години се обидуваат вештачки да прикажат бугарско малцинство во Албанија, во Косово и во Грција, со цел да ја обиколат Македонија со вештачко бугарско малцинство и да „докажат“дека не постои македонска нација.
- Ние знаеме што сме, Македонци. Го имаме и пописот од 2011 година. Во Преспа, Врбник, Гора, Голо Брдо никој не се изјаснил како Бугарин. Има ли поголема потврда од тоа, посочува тој.
Во Нацрт-законот за заштита на малцинствата се признаваше постоење на осум малцинства, македонско, грчко, ромско, египќанско, црногорско, бошњачко, српско и влашко малцинство.
Шефот на албанската дипломатија на неколку средби изјави дека тоа се малцинствата кои живеат во Албанија и оти таа работа е завршена. Дури на една од средбите на барање на друштвото за албанско-бугарско пријателство, кажа дека со стотици Албанци имаат италијански пасоши и оти тоа не и дава за право на Италија да бара свое малцинство во Албанија.
Но под притисок на Бугарија и условувањето со вето во ЕУ, албанските власти попуштија и Бугарите станаа деветто малцинство.
На тоа остро реагираа и МАЕИ и Македонското друштво „Илинден“, кое од албанскиот претседател Илир Мета побара да не го потпишува законот и да го врати во Парламентот на повторно разгледување