Премиерот Зоран Заев изјави дека само напредок на сите држави во регионот може да придонесе кон целосна европска интеграција. Заев денеска зборуваше на годишната регионална конференција во рамки на проектот „Поттикнување на партнерството помеѓу Вишеград 4 и Западен Балкан и градење на капацитетите на Западен Балкан“.

- Свесни сме, како што е свесна и Европската унија, дека само напредок на сите држави во регионот во евроинтеграциските процеси, може да придонесе кон целосна европска интеграција, а тоа е најсоодветното решение за развојот, безбедноста и стабилноста и на нашите држави и на Европа во целост, истакна македонскиот премиер.

Заев ги информираше учесниците на конференцијата дека реформите согласно Планот 3-6-9 се главната одредница по којашто почна трансформацијата на институциите, на политиките и на општеството. За нас, како што кажа, клучна е 2018 година, кога очекуваме придвижувања и на планот на евро-атлантските интеграции. Како најважни ги наведе реформите во судството, во разузнавачките служби, јавната администрација, медиумите и граѓанското општество, како и зајакнување на Собранието и на независните регулаторни тела.

- Во наредните месеци, до крајот на јануари, ќе следува уште поинтензивна реформска агенда којашто ќе го исполни Планот 3-6-9 во најголем дел. Тоа се крупни чекори во реформата на судството, демократски модел за разузнавачките служби и чекори кон стручна и ефикасна јавна администрација, кажа Заев.

Ако го исполниме нашиот дел од работата и покажеме резултати, потенцираше тој, со право ќе очекуваме признание од европските партнери.

- Со огромно внимание ги чекаме Стратегијата за проширување на ЕУ, Извештајот на Европската комисија за Македонија, како и Самитот ЕУ - Западен Балкан за време на бугарското претседателство. Република Македонија, по завршениот прв круг на тешки реформи ќе очекува чиста, безусловна, препорака за почеток на преговорите со ЕУ, но и фактички почеток на преговорите со ЕУ, до крајот на 2018 година, истакна македонскиот премиер.

За таа цел, додаде, работиме и на подобрување на односите со соседите. Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, рече Заев, е пример за нашата искрена намера. - Го започнавме процесот и за отворање на патот за соработка со Република Грција и со другите наши соседи и земји од регионот. Воспоставивме редовна и активна соработка со пријателите на Македонија, државите од Европската унија и од НАТО, изјави тој.

Владата, според него, отвори инклузивни политики во државата, и очекува и опозицијата да одговори на својот дел од обврската и да придонесе во развојот на државата.

Заев истакна дека искуството на Вишеградската група е драгоцено и за Република Македонија, и за регионот на Западен Балкан.

На регионалната конференција „Градење капацитети и регионална соработка во процесот на Европска интеграција на Западен Балкан“ во рамки на проектот „Поттикнување на партнерството помеѓу Вишеград 4 и Западен Балкан и градење на капацитетите на Западен Балкан“ присуствуваа министри за надворешни работи, претставници на министерствата, амбасадори на Унгарија, Чешка, Полска, Словачка, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и на Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/11/2017 02:56