Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров денеска на средбата со косовската министерска за европски прашања Дурата Хоџа ја осуди одуката на официјална Приштина финансиски да ги потпомогне семејствата на лицата осудени во случајот „Диво насеље“.

„На средбата стана збор и за последните реакции во Република Косово поврзани со изречените првостепени судски пресуди во случајот ‘Диво Насеље’, при што министерот Димитров оцени дека одлуката на Владата на Република Косово за издвојување на буџетски средства за финансиска поддршка на семејствата на осудените државјани на Косово не е во духот на градење европска иднина за регионот засновано на владеење на правото, што е заеднички интерес на двете земји“, стои во соопштението од македонското МНР.

Димитров и Хоџа, кои се сретнаа на маргините на регионалната конференција „Градење капацитети и регионална соработка во процесот на европска интеграција на земјите од Западен Балкан“, исто така разговарале за регионалната и билатералната соработка, кои бележат подем. Во тој контекст, се разговарало за можностите за унапредување на соработката со Косово на планот на евроинтеграциите, и за споделување на стекнатите искуства на Република Македонија на тој пат.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/11/2017 06:01