Актуелниот претседател на Словенија, Борут Пахор победи на денешниот втор круг од претседателските избори, со што освои втор мандат на функцијата претседател.
Според досега преброените над 50 проценти од гласачките ливчиња, Пахор освоил 53,64 проценти од гласовите, додека неговиот противкандидат, градоначалникот на Камник, Марјан Шарец добил 46,36 отсто гласови.
Шарец веќе го призна изборниот пораз и му честиташе на Пахор на освојувањето на вториот претседателски мандат.
Пахор, кој е поранешен лидер на партијата Социјални демократи и беше премиер од 2008 до 2012 година, на овие избори настапи како независен кандидат.
Шарец, пак, кој е поранешен член на либералната партија Позитивна Словенија на љубљанскиот градоначалник Зоран Јанковиќ, на претеседателските избори настапи како кандидат на неговата партија Листа на Марјан Шарец.