Работната група до Министерството за култура ги доставила првите елаборати за споменици од проектот „Скопје 2014“ - за Андон Јанев Ќосето кај комплексот судови и за Мајка Тереза и Воин на коњ на плоштад „Македонија“. Тие ќе бидат проследени до Владата која ќе одлучи што понатаму со нив.

- Во овој момент работната група работи, дел од елаборатите се подготвени и ги разгледуваме надлежностите кои институции на локално или централно ниво треба да преземе, изјави министерот за култура Роберт Алаѓозовски, додавајќи дека процедурите се толку згрешени што е сложено и отплеткувањето кој е надлежен да преземе активности во однос на овие објекти поставени во главниот град.

Алаѓозовски, кој денеска учествуваше на конференција за програмата на ЕУ „Креативна Европа“, рече дека културното наследство не само што не било соодветно третирано, туку било злоупотребено.

- Така што многу актуелни градби, како скулптуралната композиција која носи чуден наслов Мајка Тереза беше погрешно финансирана од програмата за културно наследство, иако таму нема никакво културно наследство. Исто така и спорните градби на Плаошник. Ние ќе го заштитиме вистинско културно наследство. Обезбедивме средства за Трескавец, обезбедивме за Офицерскиот дом, ќе обезбедиме средства и за нашето најзагрозено културно наследство. Во таа смисла, „Скопје 2014“ е проект кој нема да дозволиме понатаму да се одвива или да ни влече финансиски средства, рече Алаѓозовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2017 00:37