Државната комисија за спречување корупција нема сознанија за кои лица станува збор во однос на случајот на корупција во која се вмешани двајца високи функционери од власта за кои спомна премиерот Зоран Заев, изјави денеска во Скопје претседателот на Комисијата Игор Тантуровски.

Тој се огради од коментaр и посочи дека премиерот веројатно има свои извори за такви податоци, а во врска со предметите за лица во кои постапува ДКСК, и каде што се води постапка, рече, не може да дава јавна информација.

- Јас не можам да кажам точно за кои лица се однесува кои ги спомна премиерот. Знам за оние предмети за кои ние постапуваме, а тие се во постапка и за нив не би можел да коментирам, рече на новинарско прашање Тантуровски кој денеска се обрати на меѓународна работилница на тема „Превенција на корупцијата, судирот на интереси и заштита на укажувачите“, организирана од ДКСК во соработка со инструментот TAIEX на Европската комисија и во партнерство со Антикорупциската агенција на Република Италија.

Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнл Македонија“ на новинарско прашање во врска со овој случај, изјави дека не може да каже ништо за кои луѓе станува збор, ниту пак за што станува збор.

- Мислам дека е добро сите вакви случаи да бидат прво истражени, да се дојде до информации што ќе поткрепат постоење на основи за сомневање и потоа надлежните институции да се произнесат за тоа што се случува и дали навистина некој од функционерите бил вклучен во корупција. Тоа не е работа на политиката и не треба да се користи за политички цели, ниту пак како политичка промоција дека ете ние почнавме борба против корупцијата. Мора да кажам дека тоа сме го виделе и порано, но немало ефекти во целосно заокружување на ваквите случаи, рече Тасева.

На прашањето дали некои од надлежните институции постапувале по изјавата на Заев, Тасева додаде дека нема такви информации и оти таквите постапки се доверливи.

- Дали преземале нешто или не не можеме да кажеме. Затоа очекуваме тие да излезат и да кажат дали нешто се случило, додаде Тасева.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2017 00:39