Скопскиот Кривичен суд ги прифати обвиненијата за случаите „Тарифа" и „Траекторија" на Специјалното јавно обвинителство. Судските рочиштата за овие два случаи, како што потврдија за МИА од СЈО, дополнително ќе бидат закажани.

Во случајот „Тарифа“ опфатени се седум лица поради постоење основано сомнение дека е извршена злоупотреба на службената положба во постапка по јавна набавка на софтвер – ЕРП Систем за потребите на АД ЕЛЕМ.

Осомничените со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација. Вредноста на склучениот Договор за јавна набавка е 4.092.420 евра, а причинетата штета изнесува 456.560 евра.

Во „Траекторија“, пак, обвинети се четири службени лица поранешни високи владини функционери, осомничени дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа, според СЈО, нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155.117.172 евра и за истиот износ на компанијата изведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2017 00:43