Во Сараево вчера падна снег, а метеоролозите предупредуваат дека се очекуваат посилни врнежи. Во главниот град и во поголемиот дел на БиХ е издаден „жолт“ метео-аларм.

Температурата во Сараево изнесува два степена, а во текот на ноќта се спуштила под нулата. Снежни врнежи се очекуваат во следните денови во повеќето делови на БиХ.

Висината на снежната покривка се прогнозира дека изнесува меѓу пет и 15 сантиметри.

Европската мрежа на метеоролошки сервиси објави вчера „црвен“ метео-аларм за цела територија на Црна Гора поради поројните дождови кои се очекуваат, силни ветрови и грмотевици.

Првиот посилен снег кој го зафати поголемиот дел на Словенија создаде проблеми во сообраќајот, посебно на автопатот од Љубљана кон Копер. Поради силната бура и снегот во раните утрински часови регистриран е дефект на електричната мрежа на подрачјето на словенечкиот брег, каде без струја останале неколку илјади потрошувачи.

Снегот кој ја зафати Хрватска, исто така, прави проблеми во сообраќајот. Поради силните ветрови затворени се и бродските линии.

Во Србија е претежно облачно и многу ладно време, повремено со дождови, соопшти Републичкиот хидрометеоролошки завод. На повисоките планини во југозападниот дел од земјата се очекуваат снежни врнежи.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2017 10:58