Во скопскиот Кривичен суд денеска се одржува рочиште за случајот „Труст“, во кој првоосомничен е бизнисменот Сеат Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ од Студеничани за учество на тендер на Електрани на Македонија.

На судењето е присутен и првообвинетиот Кочан. Неговите адвокати и денеска се пожалија дека не им се дадени сите докази на увид, поради што и беше одложено претходното рочиште на 7 ноември. Одбраната бара од судот да го задолжи Специјалното јавно обвинителство да ги даде сите докази што наведени во обвинението, и да им се даде доволно време да ги разгледаат.

Од СЈО, пак, тврдат дека тие до судот ги доставиле доказите во доволен број примероци и оти според процедурата судот е должен да и ги предаде на одбраната листите со докази покрај обвиненијата.

Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.

Предметот, како што објави СЈО, е оформен врз основа на три прислушувани разговори, од кои два необјавени во јавноста од 3.8.2011 и 6.10.2011 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2017 11:11