Обезбедување независни, професионални медиуми и регулаторни тела е дел од демократизацијата на општеството и Република Македонија е на добар пат во обезбедувањето перспективи за медиумите, своите граѓани и државата.

Ова на денешната средба го констатираа министерот за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски и Харлем Дезир, претставник за слобода на медиумите на ОБСЕ, придружуван од делегација на ОБСЕ.

На состанокот, како што информира владината прес-служба, е поздравена отвореноста на Владата за носење на новиот Закон за аудио и аудио визуелни медиумски услуги низ широка отворена експертска дебата со почитување на мислењата и препораките на ОБСЕ и на ЕК во делот на слободата на медиумите.

- Медиумите и новинарите имаат силна поддршка од новата Влада, која е цврсто определена кон слободата на изразување, професионално и објективно работење на медиумите и новинарите, без никакво политички влијание или притисоци, или насилство од каков било вид, како што беше тоа случај во претходните години. Посветени сме кон создавање услови за целосна независност и професионализација на јавниот сервис, МРТВ, како и целосна независност и ослободување од какви било можности за влијанија врз регулаторот, Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиумски услуги, истакнал Поповски.

Министерот Поповски објаснил дека за сите случаи за напади врз новинари се води соодветна истрага и оти заложбата на МВР и на Владата е тие да се расчистат до крај.

На средбата се разговарало и за новиот предлог Закон за аудио и аудио визуелни медиумски услуги. Законот, како што се наведува, е направен по повеќе дебати со медиумската заедница и експертската јавност во земјава и е поставен на веб-страницата на Владата, каде што 20 дена е ставен на увид на пошироката јавност.

- Дотогаш ќе имаме уште еден состанок со претставниците од медиумската заедница, за уште еднаш да ги слушнеме забелешките, доколку има нови, а сериозно ги разгледуваме и насоките на ОБСЕ, што, исто така, се транспарентно поставени на веб-страницата на Владата. Потоа ќе излеземе со финален предлог текст до Владата за новиот Закон за аудио и аудио визуелни медиумски услуги, потенцирал министерот Поповски.

Дезир и делегацијата на ОБСЕ изразиле поддршка на заложбите на министерот Роберт Поповски кои, како што се наведува во соопштението, се определба и на премиерот Зоран Заев и на новата Влада, за отворената, транспарентна и отчетна работа и носење на законите, низ широка јавна дебата.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2017 14:16