Во Македонија околу 190.000 луѓе имаат дијабетес од кои 40.000 се на инсулинска терапија, а останатите 150.000 се на таблетарна терапија. Бројот на пациенти е во постојан подем.

Ова денеска го истакна претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари во Македонија, Бојан Киров на одбележувањето на 14 ноември, Светски ден на дијабетесот. Посочи дека од заболените, дијабетес тип 1 имаат 4.500 до 5.000 лица а останатите имаат дијабетес тип 2.

- Има пораст на бројот на деца кои имаат дијабетес и секој месец има едно до две. Треба да се земат предвид многу фактори значи квалитетот на живот, здравите навики...додаде Киров.

Директорката на Клиниката за ендокринологија, Саша Јовановска Мишевска рече дека бројот на пациенти со дијабетес расте секојдневно и ако во 2015 година имало околу 415 милиони заболени на глобално ниво, предвидувањата се дека до 2040 година тој број ќе достигне 600 милиони.

- Овие фрапантни бројки претставуваат предизвик за целиот здравствен систем. Потребно е да работиме многу повеќе на воведување мерки за превенција на шеќерната болест, тоа се пред се мерки за здрава исхрана, за поголема физичка активност и мерки кои ќе помогнат да се зачува здравјето на пациентите со дијабетес, рече Јовановска Мишевска.

Таа истакна дека мотото на Светски ден на дијабетесот е „Жените и дијабетесот - нашето право на здрава иднина“, односно како да се подобри здравјето кај жените во репродуктивниот период, а проблемот со кој најчесто се соочуваат кога се бремени е дијабетесот.

- Имаме пациентки кои сакаат да забременат, а имаат дијабетес и за нив е неопходно да се воведе правовремена, предконцепциска грижа пред забременување, а на оние пациентки кај кои во текот на бременоста ќе им се дијагностицира дијабетес треба да примаат терапија, потенцира Јовановска Мишевска.

Додаде дека според статистичките податици, 70 до 85 проценти од пациентките кои имаат дијабетес дијагностициран за време на бременоста можат само со промени во начинот на исхрана, во животниот стил да постигнат оптимална контрола на шеќерот која е неопходна за правилен раст и развој на плодот.

Заменик-министерот за здравство Гоце Чакаровски рече дека ќе се заложи да се надминат сите дилеми кои во изминатиот период преовладуваа во јавноста дека дијабетичарите користат неквалитетен инсулин.

- Ќе се погрижиме во иднина да добиваат редовно инсулин и квалитетен инсулин. Не дека немало проблем, дека не се протнувале и неквалитетни инсулини, меѓутоа во иднина се надевам дека тоа нема повеќе да се случува, додаде Чакаровски.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/11/2017 00:20