Агенцијата за филм нема добиено серија, нема добиено документи, ниту известувања каде се потрошени парите што се веќе уплатени за првата серија од серијалалот „Македонија“, односно 80 отсто од 68 милиони денари.

Ова денеска го соопшти директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, во врска со телевизиската серија „Македонија“, за која како што рече, е многу специфичен случај во македонската телевизиска продукција и е најскапа серија што некогаш е испорачана во историјата на македонската кинематографија, вредна 4,6 милиони евра.

- Договорот за серијата изнесува 4,6 милиони евра. Првата серија е финансирана со една уплата од 80 отсто, што не е вообичаено и не е стандардно за филмска индустрија и ТВ серии. По нашата преписка со продуцентот престаната е комуникацијата, нема никакви одговори од негова страна, и одлучено е Владата да донесе одлука да се раскине договорот и да се бара поврат на средствата, рече Тозија.

Рокот за испорака на првата сезона од 14 епизоди требало да биде 4 септември годинава, но се уште ништо не е испорачано. Тој истакна дека финансиската полиција и обвинителството веќе покренале истрага за случајот.

Според него, Законот за филм е променет само за да ги задоволи барањата на конкурсот за оваа серија, односно тој е изменет во делот каде што се вели финансирање филмови и други аудио-визуелни дела, каде што спаѓа и оваа серија.

- Максимумот што може да се исплати за филм е до 62 милиони денари, а за овие аудио-визуелни дела, каде што спаѓа и оваа серија, нема лимит, вели Тозија.

Агенцијата за филм четири месеци по извршените измени и дополнувања на законот за филмска дејност, на ден 25.11.2017 година објави Конкурс за прифаќање на проекти по Конкурс за проекти за организирање домашни фестивали и други филмски визуелни дела - играна серија, без притоа да се наведат условите во Конкурсот согласно Законот за филмска дејност.

Согласно Конкурсот, одобрено било финансирање аудио-визуелно дело, играна серија „Македонија“, и одобрени биле средства од 6,4 милиони евра. За проектот досега се исплатени средства во износ од 68 милиони денари за првата сезона. Содржината на објавениот конкурст е нејасна, а наредбата за објава на конкурост е издадена од неовластено лице. Продуцентот кој ја има добиено финансиската поддршка, како правно лице е основан на ден 3.12.2015, односно осум дена по објава на Конкурсот. Исто така не е обезбедена финансиска гаранција за реализирање на проекти, согласно законот за филмска дејност.

Агенцијата за филм се согласила продуцентот да учествува во кофинансирање на проектот со 17 милиони денари, но во Агенцијата не е доставена потврда за сопствено учество на продуцентот Друштво за филмска и видео продукција Јадран Филм ДООЕЛ Скопје, која е наведена во апликацијата за проектот.

Како што претходно објави МИА, во почетокот на месецот, портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, информираше дека биле префрлени дел од планираните пари, 1,2 милиони евра, но првата сезона од серијата ниту била снимена ниту испорачана во согласност со утврдениот термин. Тогаш Владата донесе одука останатиот дел од вкупно планираните пари 4,6 милиони евра, воопшто да не ги префрла на продукциската куќа. Продуцентот Виктор Грубишиќ од „Јадран филм“ тогаш реагираше дека „Владата е погрешно информирана“ и ги отфрли како потполно невистинити тие наводи.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/11/2017 01:31