Грчката влада планира да привлече инвестиции за одгледување на марихуана за медицински цели, најави грчкиот министер за земјоделство, Евангелос Апостолу.
– Таквата мерка може да доведе до заздравување на економијата. Производителите пројавија интерес за инвестиции во висина над 1,5 милијарди евра за проекти за оранжерии за одгледување на канабис. Со тоа Грција ќе заземе место на светскиот пазар, посочи Апостолу.
Законот за легализација на марихуната за медицински цели треба да биде доставен до парламентот до крајот на годината, а со него се предвидува во еден комплекс од 12 до 15 оранжерии да се отворат околу 400 работни места.
– Илјадници грчки пациенти кои се заболени од рак и Паркинсова болест ќе можат да добијат препарати, кои се произведуваат во Грција во согласност со принципите на Светската здравствена организација, посочи Апостолу.
Според него, грчката влада не планира целосна декриминализација на одгледување и продажбата на марихуана.