Македонски и австриски компании ги разгледуваат можностите за партнерство во производство на фотоволтаици, сирење, машински технологии,… денеска на форум и одделни средби во Скопје, во организација на Стопанската комора на Македонија и Трговското одделение на Амбасадата на Австрија во државава.

Според Ерика Бренем од Австриската стопанска комора, има простор за унапредување на соработката, поголемиот дел од присутните австриски компании на форумот првпат се претставуваат на македонскиот пазар, а тие што веќе имаат инвестиции, би вложиле повторно, но потребни се дополнителни обуки на работната сила.

– Тука сме да ја продлабочиме соработката на австриските и македонските фирми. Сакаме да воспоставивме нови деловни односи, најголем дел од фирмите не се претставени досега и првпат настапуваат на македонскиот пазар. Се радуваме за големиот број заинтересирани компании од македонска страна.Ако ги прашате австриските фирми најголем дел повторно би сакале да инвестираат тука. Има потреба за обука и доквалификација на вработените и би сакале да се обидеме да го воведеме главниот систем на образование и обуки пред се и тренинзи што се вршат во пракса во австриските фирми, изјави Бренем.

Како што информира Јадранка Аризанковска од Стопанската комора на Македонија, пријавени се над 100 домашни компании за средби со австриските од кои можат да научат многу за унапредување на производството со нови технологии и знаење.

– Очекуваме нашите компании да ги искористат можностите за високата технологија и трансферот на знаење кое несомнено треба да го преземат од астриските, изјави Аризанковска.

Според податоците што ги објави Стопанската комора при најавата на денешниот форум, Македонија и Австрија во првите девет месеци од годинава бележат негативен биланс во трговската раземена од 54,3 милиони долари. Вкупната трговска размена од јануари до септември годинава изнесува 135,9 милиони долари, односно за пет проценти повеќе во однос на истиопт период лани. Извозот во тој период бил 42,6 милиони долари, за 30 проценти повеќе, а увозното салдо 96,9 долари што пак е намалување за девет проценти споредено со истиот период минатата година.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/11/2017 01:43