Златан Ибрахимовиќ, центарфорот на Манчестер јунајтед, по повредата и повеќемесечната пауза, ќе се врати на теренот до крајот на оваа година, изјави менаџерот Жозе Мурињо.
Ибрахимовиќ во април ги скина вкрстените лигаменти на коленото и ја доведе неговата кариера во прашање, но не се откажа, туку го продолжи договорот со Јунајтед и сега е на вистинскиот пат повторно да заигра.
„Златан е лав, вистински борец. Цело време беше бесен и од таа причина брзо закрепнува. Како што очекувавме, го намали времето на закрепнување и до крајот на 2017 година ќе го видиме на теренот. Одлично враќање“, изјави Мурињо за „Скај спорт“.
Шведскиот триесет и шестгодишен голгетер минатата сезона со 28 погодоци беше прв стрелец на Јунајтед.
Во текот на успешната кариера играше за: Малме, Ајакс, Јувентус, Интер, Барселона и ПСЖ, освои титули во сите споменати лиги и клубови, но не и во Лигата на шампионите.