Македонската академија на науките и уметностите редовно инсистираше и инститира на отворени, конструктивни и обединувачки дебати, со заемно почитување и толеранција на соговорниците за сите отворени прашања во нашето општество, вклучувајќи ги тука и најчувствителните прашања во сферата на меѓуетничките односи и мултикултурализмот, порача денеска претседателот на МАНУ, Таки Фити.

Тој ја отвори Шестата конференција посветена на Меѓународниот ден на толеранцијата, 16 ноември, која оваа година се одржува под мотото „Правото на младите да живеат во свет на толеранција“. Конференцијата е во организација на МАНУ и мисијата на ОБСЕ во Скопје.

- Културата на толеранцијата ја повикуваме на помош и во екот на општествената и политичката криза со која се соочи Република Македонија, како моќна алатка за релативизирање и надминување на проблемите и тензиите, буквално во сите домени на нашето општествено живеење, рече Фити.

Тој посочи дека МАНУ се повикуваше на толеранцијата и кога расправаше и се уште расправа за огромниот анимозитет меѓу раководствата на политичките партии, кој резултираше со една страшна поделеност на граѓаните врз партиска основа.

Фити истакна дека со ОБСЕ е разговарано оваа конференција во иднина да прерасне во регионална, односно на неа да се поканат претставници на академиите на науките и уметностите од Бугарија, Албанија, Косово, Црна Гора, Србија...

Заменик-шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џефри Голдстин истакна дека во денешниот свет младите се особено подложни на нетолератни идеологии, напоменувајќи оти тоа во одреден степен е видливо и во земјава.

- Толеранцијата и младите се две работи, кои се мошне важни за ОБСЕ. Министерскиот совет на ОБСЕ во 2015 година ја усвои Декларацијата за превенција и спречување на насилен екстремизам и радикализација во борба против тероризмот и ја осуди нетолеранцијата заснована пред се врз основа на верска припадност, рече Голдстин.

Посочи дека еден од столбовите на работата на мисијата на ОБСЕ во Скопје е инвестирање во меѓуетничките односи. Во таа насока мисијата соработува со Владата, невладините организации и сето тоа во насока на целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор, со цел, како што рече, да се унапредат правата на сите етнички заедници во земјата.

Голдистин рече дека мисијата на ОБСЕ работи и на спречување на говорот на омраза и на злосторствата извршени од омраза.

Потенцира дека во земјава поделеноста по етничка линија е особено забележлива во образованието, со оглед на тоа дека македонските и албанските ученици преферираат да учат во посебни училишта.

Академик Владо Камбовски истакна дека правото на толеранција не е обичен, испразнет од содржина украс во инаку вообичаената политичка реторика, која служи за масовни манипулации.

- Тоа е суштевствен критериум за утврдување дали и во кој облик постои диксриминација на човековите права. Толеранцијата не значи обична пасивна подносливост, трпење на другиот, туку постојан, искрен и отворен дијалог со него, почитуван како рамен на себе си. Дијалогот е пак суштина на демократијата, тоа е јадрото што на демократијата и дава човечка содржина, рече Камбовски.

Тој посочи дека една од главните цели на новата образовна парадигма мора да претставува целосната примена на стандардите и целите на европската образовна политика за зајакнување на толеранцијата кај младите, како важен предуслов за соочување со предизвиците на мултикултурното и мултинационалното општество и социјалната интеграција врз заеднички интереси.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/11/2017 17:47