Со одлука на новоизбраниот претседател на Основниот суд Скопје 1-Скопје, Иван Џолев, екс-претседателот на овој суд, Владимир Панчевски, од утре се сели во Одделението за прекршоци.

Според неофицијални сознанија на СУДСТВО.МК од извори блиски до Судот заминувањето на Панчевски во Одделението за прекршоци е повеќе од извесно, иако претседателот на скопска „единица“ допрва ќе треба да пристапи кон изготвување на годишниот распоред за работа на судиите од Кривичниот суд.

Од судот сѐ уште нема официјална потврда на веста за заминувањето на Панчевски, но донесената одлука не треба да изненадува, бидејќи токму Панчевски, од позиција на претседател па и по истекот на неговиот мандат, беше посочен како човек кој ја опструира работата на Специјалното јавно обвинителство, а и самиот Џолев беше негова „мета“ со тоа што беше преместуван на други работни места. Кога Џолев поднесе претставка против Панчевски со која го обвини за вршење на притисок во работата, тој одговори со тоа што му поднесе кривична пријава. СЈО го сомничи Панчевски местел предмети и оддавал службени тајни, а во предистражната постапка беше извршен претрес во неговата канцеларија во судот и во неговиот дом.

Согласно годишниот план кој беше изготвен и поднесен од сега веќе поранешниот в.д. претседател Стојанче Рибарев, Владимир Панчевски освен истраги требаше да раководи и со Кривичниот совет. Всушност, годишниот распоред поднесен од Рибарев беше главна причина поради која 17 судии, од вкупно прераспоредените 30 судии, поднесоа приговори, а потоа обвинија дека тие воопшто не биле консултирани. Распоредот на Рибарев, генерално, беше оценет како исклучително лош иако за распоредот што го поднесе поранешната в.д. претседателка, Татјана Михајлова, беше оценет како „чистка на судии“ кои покажале коооператвност кон Специјалното јавно обвинителство, но затоа, пак, Панчевски беше именуван за судечки судија во Одделот за организиран криминал.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/11/2017 18:53