Денешното славење на 30-тиот роденден на навивачите „Комити“, беше заокружено и со славење на зелениот терен во големото македонско дерби. Вардар го совлада Пелистер со минимални 1:0, иако според шансите можеше да биде и со поголема гол разлика.

„Црвено-црните“ имаа уште неколку прилики, но на голот на Пелистер расположен за бранење беше Јовановски и не дозволи повеќе топки во неговиот гол. Меѓутоа најважно е што нашиот тим го совлада својот ривал, и им подари на своите навивачи три бода од ова дерби.

Првиот дел на дербито заврши без голови, а Вардар имаше повеќе од поседот на топката и четири шанси за водство. Серијата на прилики почна во 8. минута кога Блажевски додаде до Николов кој што шутираше над голот. Во 27. минута повторно Николов, овој пат прецизно, меѓутоа Јовановски успеа да одбрани.

Три минути подоцна Фелипе упати прецизен удар кон голот, кој што одеше под пречката, меѓутоа повторно Јовановски овој пат со крајни напори изби во корнер. Последната шанса во првиот дел ја видовме во 34. минута кога Блажевски упати силен удар од прекин, меѓутоа Јовановски успеа да ја прифати топката во рацете и да спаси Вардарово водство.

Првиот обид во вториот дел го имаше Пелистер преку Попзлатанов. Шутираше од десната страна, но нашиот голман Алексовски беше на место. Во 57. минута обидот на Барсегјан го брани Јовановски.

Во 65. минута водство на Вардар. Фелипе нафрли од слободен удар на 5-6 метри од голот, одбраната на Пелистер изби на вториот дирек каде што Велковски со глава го проигра осамениот Муслиу на петерецот, кој што со глава ја спроведе топката во голот на противникот.

Вардар не застана тука, и имаше уште три добри шанси за кратко време да постигне втор гол. Најпрво Фелипе шутираше одкосо од лево, меѓутоа Јовановски повторно одбрани. Во 78. минута двојна прилика за Блажевски. Најпрво од левата страна шутираше, а одбрани Јовановски, а потоа од странично се обиде да нафрли, тоа повеќе излезе како центаршут, а топката ја погоди пречката од голот на гостите.

Блажевски имаше шанса и во третата минута од судиското надополнување, меѓутоа неговиот обид од 25 метри заврши за малку над голот.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/11/2017 11:05