Антонио Конте, менаџерот на Челзи, изјави дека календарот на натпреварувањата во Премиер лигата ги оневозможува англиските клубови да ја освојат Лигата на шампионите.
Челзи денес, од 18 часот игра во Азербејџан против Карабаг, а три дена подоцна и по повеќе од 8.000 километри пат, ќе игра против Ливерпул во Премиер лигата.
На „сините“ им е потребна победа против Карабаг за да се пласираат во осминафиналето на Лигата на шампионите.
„Кој и да го прави распоредот (во Премиер лигата), мора да се обиде да промени нешто. Мислам дека тоа би било најдобро за англискиот фудбал“, изјави Конте.
Ниеден англиски тим нема играно во финалето на Лигата на шампионите уште од 2012 година, кога Челзи го освои тоа натпреварување. „Сините“ играа во полуфиналето во сезоната 2013/14, а меѓу четирите најдобри се пласира и Манчестер сити, во сезоната 2015/16.
„Ниеден англиски тим не играл долго во финалето на Лигата на шампионите. Зошто? Екипите се силни и секоја може да се пласира во финалето. Не сакам изговори и алибија, но тоа е реалноста. Понекогаш мислам дека нашата работа би требало да се почитува“, наведе поранешниот тренер на Јувентус.
Карабаг е последен на табелата на групата Ц со два бода и нема шанси да се пласира во следната фаза. И покрај тоа, тренерот Гурбан Гурбанов бара од неговата екипа да одигра најдобро.
„Свесни сме за сето тоа, ја знаеме силата на нашиот ривал. Ќе се обидеме да се бориме до крајот. Тоа ќе биде наш последен натпревар во Бакиу“, изјави Гурбанов.
Во првата средба меѓу двата тима, Челзи го победи Карабаг со 6-0 на „Стемфорд бриџ“.