Македонија и Бугарија ќе разменуваат картографски и геодетски податоци, како и катастарски материјали. Тоа го предвидува Меморандумот за соработка меѓу Агенцијата за катастар и недвижности на Македонија и бугарската Агенција за геодезија, картографија и катастар, што денеска беше потпишан во Струмица, во рамки на првата заедничка седница на владите на двете држави.
Размената на катастарски информации, особено за пограничните области, ќе помогне во реализацијата на повеќе економски проекти за подобрување на локалните самоуправи во двете земји.
Во документот се предвидува реализирање заеднички регионални проекти од заеднички интерес, финансирани од фондовите на ЕУ.
Со размената на информации се создаваат и услови за поврзување на геодетските мрежи, што ќе даде позитивен ефект врз дејностите во геодетската област, картографијата, катастарот во рамки на европската заедница.
Меморандумот е со рок од десет години.