Средбата меѓу претставници на Македонија и Грција со посредникот на Обединетите нации за спорот со името, Метју Нимиц, која е закажана за 11 и 12 декември во Брисел е знак за континуитетот на позитивната клима, која се создаде во односите меѓу двете земји по промената на власта во Македонија, јавуваат грчките медиуми, пишува грчкиот весник „Катимерини“.
Следниот самит на НАТО, кој треба да се одржи на 11 и 12 јули во Брисел се јавува во функција на некаква временска рамка, која го придвижува решавањето на спорот и постигнување взаемно прифатливо решение. Македонија се надева дека конечно ќе се отвори патот да стане членка на Алијансата.
Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас повеќе пати напомена дека прашањето ќе биде решено во првата половина на 2018 година, предупредувајќи дека доколку ова не се случи ќе има големи потешкотии.