Во тек се неколку активности за проверка на шпекулациите дека во „Дрисла“ се гори радиоактивен отпад, изјави денеска градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

Најави дека набргу ќе излезе целосен извештај за работата на депонијата „Дрисла“.

– Постојат сериозни индиции за криминал на депонијата „Дрисла“, имаше шпекулации дека таму се гори секаков вид отпад, вклучително и радиоактивен. Јас не кажав дека на Дрисла има радиоактивен отпад. Тоа е нешто за кое вие новинарите пишувавте, а не нешто што јас го кажав, рече Шилегов и додаде дека повеќе институции посветено работатат на ова прашање.

„Дрисла“, како што рече, е во надлеженост на Министерството за животна средина и просторно планирање и е носител на А лиценца.

– Ние како град секогаш ќе иницираме постапки, кои можеби не се во ингеренции на градот со цел да испровоцираме реакција на државните органи, но и граѓаните треба да посветат повеќе внимание на воздухот што го дишеме, рече Шилегов.

Информира дека тимови на Град Скопје спроведуваат контроли за лоцирање диви депонии.

Имаме мапирано повеќе од 200 диви депонии во Скопје, во тек е акција која подразбира чистење на градот и се одвива во различни делови.

– Градот не е чистен повеќе од 30 години, не можеме со едно чистење, што траеше две недели и за кое имавме многу малку време да го подготвиме, вели тој.

Конституирано е интерорганското координативно тело и набргу граѓаните на Скопје ќе добијат телефонски број, кој ќе работи 24 часа за пријава на диви огнови.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/11/2017 16:09