Израелските локални власти ги осветлија ѕидовите на стариот град во Ерусалим во црвена, бела и сина боја, за да покажат благодарност за признавањето од претседателот Трамп како главен град на Израел.
Градоначалникот Нир Баракат изјави дека утре главниот влез на градот, исто така ќе биде осветлен во боите на Америка и американски знамиња ќе бидат поставени низ големите улици.
Според градоначалникот, изјавата на Трамп испраќа јасна порака до целиот свет дека САД се залагаат за Израел и за еврејскиот народ.
Постојаниот претставник на Израел во ОН, Дани Данон, ја нарече смела одлуката на Трамп и ги повика другите земји да го следат.
- Ја поздравуваме храбрата одлука на претседателот Трамп. Во 1948 година, американскиот претседател Хари Труман беше првиот светски лидер, кој ја призна државата Израел, а денес претседателот Трамп исправи една историска грешка, признавајќи го Ерусалим за наша престолнина. Дојде време сите држави членки на ОН да го следат примерот на САД, рече израелскиот дипломат.