Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека обемот на рускиот гас за Србија до 2022 година би можел да достигне 3,5 милијарди кубни метри.

По состанокот со српскиот претседател Александар Вучиќ, Путин рече дека оваа година испораката на гас во Србија се зголемила за една четвртина и надминала 2 милијарди кубни метри.

Русија и Србија денеска усвоија измени на меѓувладиниот договор кој предвидува укинување на забраната за реизвезување на рускиот гас.

Потпишан беше и анекс на договорот од 27 март 2013 година за испорака на гас во Србија, склучен меѓу рускиот „Газпром експорт“ и компанија „Југоросгаз“.

Русија и Србија се договорија да ја исклучат од меѓувладиниот договор за испорака на руски гас точката, со која се ограничува користењето на купениот гас само за домашниот пазар. Претходно, „Газпром", како одговор на барањето од Европската комисија, вети дека ќе обезбеди слободно движење на гас на европскиот пазар.

Според условите на договорот, Русија и доставува на Србија од 2012 до 2021 година до 5 милијарди кубни метри гас годишно. Испораките на природен гас во Србија оваа година се зголемени за 26 проценти и надминуваат 2 милијарди кубни метри (во 2016 година беа 1,75 милијарди кубни метри). Зголемување од 15 отсто е проектирано за 2018 година, според извештаите на прес службата на Кремљ, подготвени за состанокот на Путин со Вучиќ.

По разговорите со српскиот претседател Путин изјави дека Москва и Белград ја разработуваат можноста за вклучување на Србија во изградбата на гасоводот Турски поток, кој се реализира од „Газпром“.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/12/2017 16:58