Во интервју за „Блумберг“ српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека не планира да се кандидира за втор претседателски мандат на изборите во 2022 година. Тој кажа дека негова намера е да ја заврши работата потребна за влез на Србија во ЕУ до крајот на овој мандат.

– Дали ќе бидам претседател во 2025? Нема. Ќе се повлечам 99 отсто… Мојата идеја е да ја завршам работата во оваа канцеларија во следните четири и пол години и толку, изјави Вучиќ и додаде дека нема намера да се враќа на премиерската функција.

Неговиот предлог за Косово, што претставува најголема пречка на Србија на патот кон ЕУ, ќе го обелодени до првата половина на април. Предлогот прво ќе го претставел во Србија, а потоа и пред меѓународната заедница.

Вучиќ не откри детали, но оцени дека тој ќе биде од клучна важност за подобрување на односите меѓу Србија и Албанците. Тој потренцираше дека и двете страни ќе мора да бидат подготвени за компромис.

– Ова е една од последните можности да надминеме еден од најголемите проблеми во регионот и тоа засекогаш, вели шефот на српската држава.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/12/2017 02:32