Томче Голабоски, стружанец иселеник кој живее во Холандија, беше најсреќниот меѓу стотината верници кои скокнаа во водите на Црн Дрим и го фати Чесниот крст што во осветените води го положи владиката Тимотеј, митрополитот на Дебарско-кичевската епархија.
На свеченоста по повод Богојавление – Водици и осветувањето на водите на Дрим присуствуваше и претседателот на Владата Зоран Заев, кој на граѓаните им го честита празникот, посакувајќи им здравје, среќа и напредок.
- Богојавление - Водици, денот кога се осветуваат водите на Охридското Езеро и на Црн Дрим не потсетува и на тоа дека се може да се измие, исчисти, обвнови и повторно да се роди. Благородната порака на овој празник исполнува и со оптимизам дека надежта за доброто, совршеното и убавото никогаш не згаснуваат - рече Заев, посакувајќи им на граѓаните добра иднина, здравје, добра волја и соочување со сите предизвици што претстојат на личен и заеднички план.
Тој на најсреќниот денеска во Струга Голабоски му посака да го следи среќа и добрина низ целата година, да донесе среќа и на Струга и на нашата Македонија.