Гостиварецот Душко Милошески беше најсреќниот меѓу двесетината гостиварци кои скокнаа во водите на Вардар по светиот крст на прославата на Богојавление Водици во Гостивар.

Прославата на Водици започна утрово со света литургија во соборниот храм „Пресвета Богородица“. Околу пладне, по богослужбата, тргна литијата со верници и помина низ градот до малиот мост на Вардар. Од таму митрополитот тетовско-гостиварски г.Јосиф го изврши чинот на осветување и го положи светиот крст во реката.

Четириесет и седумгодишниот Душко Милошески по крстот запливувал повеќе пати на повеќе места, но годинава успеа да го фати крстот во родниот град.

– По петнаесет обиди, годинава ми била среќата да го фатам крстот. Среќен сум неизмерно и посакувам здравје и среќа за сите, порача Милошески, кој на подарок од организациониот одбор доби икона.

Ова е четврта година по ред како Богојавление во Гостивар се слави со положување на крстот во реката Вардар. Традицијата после повеќе од седум децении беше возобновена во 2015 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/01/2018 00:42