Со осветување на водите на езерото на хотелот Белви, што го извршија свештениците од црквата „Свети Константин и Елена“, жителите на општина Илинден масовно го одбележаа големиот христијански православен празник Богојавление – Водици.
Најсреќен меѓу 60-те верници кој прв стигна до Богојавленскиот крст, беше 18-годишниот Филип Бошковски, од Кадино, кој по четврти пат учествува во оваа манифестација, информираат од општината.
Од страна на градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски, како и од претставници на јавните претпријатија, бизнисмени и граѓани, на најрадосниот Филип Бошковски му биле доделени пригодни подароци.
Илјадници граѓани присуствуваа на оваа традиционална манифестација која што општина Илинден во соработка со свештениците од црквата „Свети Константин и Елена“, ја организираше по јубилеен десетти пат.
Како и во изминатите години за посетителите на манифестацијата беа обезбедени топли пијалоци, како и традиционалната пифтија.