По неколку месечен застој ќе продолжи реконструкцијата на специјалната болница за ортопедија Свети Еразмо во Охрид, најави министерот за здравство Венко Филипче при денешната посета.

- Во болницата „Свети Еразмо“ разговаравме за текот на реконструкцијата на објектот, како ќе продолжат градежните активности, како и за потребата на установата од соодветен кадар, едукација и доедукација, зголемување на квалитетот на услугите што се нудат и воведување нови - рече Филипче.

Тој најави дека градежните активности за реконструкција и изградба на објектот ќе продолжат, како и во насока на изнаоѓање најдобри можности тоа да се спроведе без да се попречува тековното работење на установата. Филипче не кажа дали ќе се реализираат плановите што ги најави претходната раководна гарнитура во Министерството за префрлање на Заводот за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ во рамки на комплексот „Свети Еразмо“.

Што се однесува на проблемот со високата смртност на новороденчиња регистриран минатата година, Филипче истакна дека во тек се интензиви разговори со лекарите во педијатриската служба, во службите за интензивна нега на клиниките за педијатрија и гинекологија така што, рече, во одмината фаза е изготвувањето Стратегија за намалување на смртноста кај новороденчињата.

- Вклучени се и странски организации под капата на Обединетите нации кои нудат експертиза, а се формира и рамка за тренинг на кадарот за надминување на проблемот, како и планови за структурни промени во рамки на интензивната нега на гинеколошката клиника, во делот каде се лоцирани проблеми, рече министерот за здравство.

Најави и рамка за решавање на проблемот со набавката на инсулин, преку обезбедување поголеми количества и на тој начин елиминација на ризик од дефицит.

Министерот Филипче најави посета и на здравствените установи во Струга, како и предвидени одредени реконструкциски зафати на Општата болница во градот.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/01/2018 18:48