Државата платила околу 120 илјади евра последниве пет години за штетите што ги направиле мечките на сопствениците на пчелните сандаци, домашните животни, градините и овошките во прилепско. Мечките се заштитени со закон и штетите по судска постапка се надоместуваат од државниот буџет.

Податоците на Државното правобранителство за Прилеп покажуваат дека во 2013 година во сидот имало само еднаправосилна пресуда за зулум предизвикан од мечка, додека во 2015 – 2016 година бројот пораснал на 21, односно 22 тужби . Во 2017 година само еден предмет бил правосилно завршен со досудена штета од 423 евра, која веќе била исплатена. Решавање чекаат уште 20 предмети, во кои се бара штета од 19.770 евра, без судски трошоци кои се движат околу 15 илјади евра.

Лица од Министерството за земјоделство кои биле членови на Комисиите за проценка на штета велат дека се јавувале граѓани во подрачната единица на Министерството со тврдење дека мечката изела мед, растурила пчелни семејства, дури и дека мечката се гостела со крава.

– На лице место имаше скелет од животно, но никој никогаш не беше сигурен дали животното било нападнато од мечка или од волк, кучиња, или угинало само. Комисијата составуваше записник. Потоа вештак правеше вештачење врз основа на нашиот записник и тврдењето на сопственикот. На суд се добиваа пресуди дека штетата ја направила мечка – раскажува член на Комисија од Министерството за земјоделство.

– Барав увид да се види штетата. Многумина се откажуваа, што наведуваше дека лажно пријавуваа. Имаше примери каде се уништени насади со компири, пченка или пипер од десетина квадрати, а се бараше записник дека е уништен родот на целата нива, убедувајќи ме дека мечката повторно ќе дојде да го дојаде останатото, па да не нé викаат повторно. Им кажувавме дека ако дојде пак мечката, да пријават, па ако треба ќе правиме записник за секоја штета, секој ден – објаснува член на комисијата.

Инаку ниту една од пресудите не дошла по ревизија во Врховниот суд да се види ставот на највисокиот суд по ова прашање.

Пописот на мечки во Македонија се прави еднаш на 10 години. Според последниот од 2010, кој е важечки до 2020 година, во Македонија има меѓу 371 и 381 мечка, не броејќи ги тогашните млади мечиња, кои не наполниле две години. Пописот го води Заводот за уредување на шуми. Во ЈП Македонски шуми постои мапа на ловишта, каде што е наведено колку мечки во кое ловиште има. Најмногу мечки има во националните паркови.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/01/2018 21:25