Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство констатира дека грипот сѐ уште е со ниска активност. Во моментов се регистрирани 1.739 случаи на заболени од грип и се очекува зголемување на активноста во следниот период.

Од Министерството соопштија дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат испратил решенија до сите средни и основни училишта за преземање мерки за темелно чистење и за дезинфекција на училишните простории, обезбедување средства за лична хигиена (течен сапун), како и редовно следење на отсутноста на децата од настава.

Комисијата за заразни болести ја разгледала и состојбата со морбили. Пријавени се два нови случаи на морбили од страна на Институтот за јавно здравје. Станува збор за дете на шестмесечна возраст, кое заради возраста сѐ уште не е вакцинирано (не подлежи на вакцинација) и е во добра општа состојба. Вториот случај е маж на 40-годишна возраст (вакциниран со една доза на вакцина), кој бил само амбулантски прегледан и пуштен на домашно лекување. За двата случаи не постои податок за епидемиолошка поврзаност, како и податок за контакт со заболен од морбили.

Исто така, се спроведени епидемиолошки иследувања на најблиските и контактите за евентуалната потреба од вакцинација со МРП вакцината, стои во соопштението од Министерството за здравство.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/01/2018 13:28