Земјоделците речиси воопшто не биле задоволни од услугите и транспаретноста на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во периодот од 2013 до 2016 година, покажуваат резултатите од спроведено истражување на „Рурална коалиција“.

Од вкупниот број испитаници дури 45 проценти ги оцениле до „двојка“ услугите на Министерството, а 19 проценти со „единица“.

Истражувањето покажа дека и најголем дел од земјоделците не знаат или немаат информација дека може да се вклучат во работата на Министерството, а само три проценти од испитаниците посочиле дека учествувале во работата на некоја од потсекториските групи во ресорното Министерство.

Висок е процентот, дури 88 проценти, и на оние кои воопшто не знаат за постоењето на годишни програми за работата на Министерството за земјоделство.

- Потребно е да се промени целиот процес на креирање на програмите, односно најпрво да се организираат локални средби на кои земјоделците ќе кажат што им треба и какви промени се потребни во програмите, а дури потоа на национално ниво да се разговара за програмата - посочи Лилјана Јоноски, проект коориднатор и извршен директор на „Рурална коалиција“ на денешната презентација на резултатите од истражувањето.

Со истражувањето беа опфатени 400 земјоделци од сите осум плански региони во државата и 10 вработени лица во Министерството за земјоделство.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/01/2018 14:11