Организациониот одбор ја објави програмата за годинешното издание на Струмичкиот карневал, што ќе се одржи од 14 до 21 февруари. Традиционално карневалот почнува со Детскиот маскенбал на 14 февруари.
Наредниот ден е резервиран за Концертот под маски на Музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица, како и за објавување на резултатите од темата за проза и поезија за карневалот во организација на Библиотеката „Благој Мучето“. На вториот ден ќе биде отворена и изложбата на фотографии од минатогодишниот карневал.
В петок, 16 феваруари, е свеченото отворање на Струмичкиот карневал 2018 со одржувањето на традиционалниот маскенбал, на кој се избираат принц и принцеза на Карневалот, кои заедно со кралската свита ќе ја предводат големата интернационална карневалска поворка на главната карневалска вечер на 17 февруари во 18.30 часот. Поворката од над две илјади учесници ќе се движи по улиците на Струмица, а завршните настапи групите од Македонија и странство ќе ги имаат на плоштадот „Гоце Делчев“ пред жирито.
Празникот Прочка на 18 февруари, недела, е резервиран за Детскиот карневал, на кој најмладите ќе продефилираат во маските на нивните омилени јунаци од филмовите и бајките.
На Чист Понеделник, 19 февруари, карневалските празнувања продолжуваат со варење на традицоналниот бел грав, а ќе бидат објавени и резулатите за најуспешните маски од интернационалната карневалска вечер. Во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица ќе биде отворена и традиционалната изложба на карикатури и афоризми и ќе бидат доделени наградите на најуспешните.
Претпоследниот ден е резервиран за доделување на наградите од Интернационалната карневалска вечер и одржување на Тримерска карневалска вечер.
Карневалот завршува на 21 февруари со одбележување на Тримерските обичаи и со концерт на ансамблот „Тримери“ од Струмица.