Градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари обелодени дека над 15 илјади квадратни метри градежно земјиште, претходната локална власт им го продала на луѓе од блиското опкружување на претходниот градоначалник Невзат Бејта по пониски цени.

На прес-конференцијата, во рамки на кампањата „Вистината за ДУИ“, Таравари изрази сомнеж и за злоупотреби при издавањето на градежни дозволи и одобренија за периодот 2013-2017 година во општина Гостивар.

Градоначалникот Таравари покажа документи со кои е извршена продажба на градежно земјиште од околу еден и пол хектар, сопственост на општина Гостивар во градската индустриска зона, на излез од Гостивар кон Тетово.

- Продажбата е правена по смешни цени од 211, 500, 550 и 1.600 денари за метар квадратен. Тоа не е направено во насока на поттикнување и поддршка на економскиот развој. Треба да се има предвид дека според утврдените цени за втор и трет реон се неколкукратно повисоки. Имаме сознанија дека продажбата е правена со однапред утврден сопственик и со притисоци врз други заинтересирани лица да се откажат - рече Таравари.

Тој покажа одлуки на советот со кои за 211 денари по метар квадратен градежно земјиште, пријател на шефот на кабинетот на поранешниот градоначалник, станал сопственик на градежно земјиште со површина од 7.559,7 м2. Лице исто така блиско на поранешниот градоначалник, за 500 денари по квадратен метар, станал сопственик на градежното земјиште со површина од 2.178,3 м2. Заради познанството со екс градоначалникот, трето лице за 550 денари по квадратен метар, станал сопственик на градежно земјиште со површина од 1.940 м2. Додека по цена од 1.600 денари за метар квадратен, продaдeнa е и парцела со површина од 3.533 м2.

Тој искажа сомнеж дека за време на мандатот на на неговиот претходник имало злоупотреби и протекционизам меѓу три проектански фирми и општинската власт при добивањето на дозволи и одобренија за градба.

- Ова се докажува со фактот дека повеќе од половина од проектите за колективни станбени згради ги изработувале само од три проектански куќи. Конкретно, од вкупно 46 колективни згради, едно Биро за проектирање има обработено 16, за што наплатиле 329.732 евра, а сопственикот има блиски релации со поранешниот градоначалник и поранешниот шеф на урбанизам во општина Гостивар. Друга проектанска куќа за 6 изработени проекти обезбедила средства во износ од 179.334 евра. Исто така и трета фирма изработила проекти за 3 колективни остварувајќи приходи во висина од 103.368 евра - рече Таравари.

Тој не сакаше јавно да ги изговори имињата на сопствениците, за да како што рече не остава простор за тужби, а се повика и на законот за пристап до информации од јавен карактер по што на новинарите ќе им бидат доставени сите документи. На новинарите им беа ставени на увид одлуки од советот на општината од минатата година на која можеше да се види кои се новите сопственици на градежното земјиште. Таравари најави дека по ревизијата на државниот завод за ревизија која ја очекува на пролет ќе поднесе и кривични пријави доколку се утврдат злоупотреби на вработени во општината.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/02/2018 14:08