Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, кој утре ќе ја посети Италија, во интервју за италијанскиот весник „Стампа“, ги отфрли сите опции освен пристапот на Турција во ЕУ, отфрлајќи го францускиот предлог за партнерство.
– ЕУ треба да ги одржи ветувањата дадени на Турција, рече турскиот претседател, кој вечерва ќе пристигне во Рим во 24-часовна посета, за време на која ќе има средби со папата Франциско, италијанскиот колега Серџо Матарела и со премиерот Паоло Џентилони.
Тој додаде дека ЕУ ги блокираше преговорите за пристап во Унијата и создаде впечаток дека недостигот од напредок во преговорите зависи од Турција.
– Тоа не е фер. Исто така не е фер што некои земји од ЕУ ни нудат други опции наместо приклучување, додаде Ердоган.
Во јануари, во Париз, францускиот претседател Емануел Макрон му предложи на турскиот шеф на државата „партнерство“ со ЕУ, наместо членство. Францускиот шеф на државата истакна дека е потребно да се разгледа дали е можно да се ревидираат односите меѓу Турција и ЕУ, не во контекст на процесот на интеграција, евентуално како „соработка, партнерство“.
– Сакаме целосен пристап во ЕУ. Други опции не прифаќаме, истакна Ердоган.