Со епизодата во која соговорник на атлетите на Специјалната олимпијада беше најдобриот македонски кошаркар Перо Антиќ заврши ТВ проектот „Горди на себе“ што се емитуваше во рамки на утринската програма на МТВ „Македонија наутро“.

Беа емитувани пет епизоди во кои атлетите на Специјалната олимпијада ја имаа улогата на новинари и правеа интервјуа со македонските спортски ѕвезди како кошаркарот Перо Антиќ, кошаркарката Едина Муса, ракометарот Кире Лазаров, фудбалерката Наташа Андонова и пливачот Евгениј Поп Ацев.

Атлетите на Специјална олимпијада имаа можност да присуствуваат и на тренинг на Македонската ракометна репрезентација пред Европското првенство во Хрватска кога го направија интервјуто со капитенот Кире Лазаров.

Тој го сподели видеото на својата Фејсбук фан страна, а кошаркарот Перо Антиќ во знак на благодарност на атлетите им подари кошаркарски дресови по што закажаа Јунифајд кошаркарски меч за на пролет.

Реализацијата на „Горди на себе“ е на здружението „Специјална олимпијада Македонија“ како добитници на гранд преку проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Коалиција за медиумска писменост”, што го спроведува Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во соработка со Институтот за различности во медиумите од Лондон и весникот „Нова Македонија“ со финансиска поддршка од Европската Унија.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/02/2018 12:37