Министерството за локална самоуправа го објави вториот јавен повик за проекти за погранична соработка меѓу Македонија и Бугарија, за што на сите потенцијални апликанти, во рамки на повикот, им стојат на располагање седум милиони евра, посочи на денешната прес-конференција министерот за локална самоупорава Сухејл Фазлиу.
Тој истакна дека средствата, што се обезбедени преку ИПА инструментот на Европската унија, Програма за прекугранична соработка, се наменети за проекти од двете страни на границата, а колку расположливи средства ќе имаат субјектите од Република Македонија, ќе зависи од одобрените проекти.
– Општата цел на Програмата е зајакнување на прекуграничната соработка меѓу луѓето и институциите во регионот. Владата преку буџетот на Министерството за локална самоуправа ги обезбедува средствата за кофинансирање во висина од 15 отсто за признаени трошоци за секој одобрен проект, изјави Фазлиу.
Министерот за локална самоуправа наведе дека, на повикот можат да аплицираат општини, НВО, организации за поддршка на бизнисот, образовни, научни, културни и други непрофитни организации и институции.
– Проектите треба да се однесуваат на заштитата на животната средина, туризмот и конкурентноста или подобрување на конкурентноста на регионалните бизниси, а крајниот рок за поднесување на проектни предлози е 11 мај 2018, објасни Фазлиу.
Во рамките на првиот јавен повик беа одобрени 48 проекти.