Со пригоден собир, пред споменикот на градителите во Маврови Анови, денес беа одбележани 62 години од трагедијата, кога во снежни лавини загинаа 52-ца градители на мавровскиот хидроенергетски систем, граничари и локални жители.
Покрај преставници на ХЕЦ „Маврово“ присуствуваа и жители од околните населни места и со положување на цвеќе и едноминутно молчење тие одадоа почит.
Во говорот пред присутните, Ѓорѓи Божиноски директорот на ХЕЦ Маврово, потсети дека меѓу загинатите имало и градителители кои ги поставиле темелите на ЕЛЕМ, една од најзначаните компании во земјава.
- Ние вработените во Хидроцентралите „Маврово“ секоја година во чест на денот, се собираме пред овој споменик, полагаме свежо цвеќе и се потсетуваме на големата трагедија. Со тоа сакаме да им дадеме до знаење на сите наши вработени, дека луѓето што загинаа во оваа трагедија вечно не задолжија, положувајќи ги своите животи, рече Божиновски.
Ноќта, помеѓу 10 и 11 февруари во 1956-та година, се случи една од најголемите трагедии предизвикани од природни непогоди во Македонија.
Наглото топење на големите количини снег, најмногу ги погоди селата во месноста Рибница, Стрезимир и работничката населба кај месноста Торбешки мост каде што биле сместени градителите. Во лавините биле затрупани стотина луѓе, а спасувачките екипи во десетдневна акција успеале да спасат половина од нив.