Граѓани денеска го посетија Центарот за управување и контрола на сообраќајот во рамки на неговиот отворен ден што го организираше Град Скопје во насока на зголемување на неговата транспарентност.

Стручните лица вработени во ЦУКС на посетителите им ги објаснија надлежностите, начинот на функционирање и активностите на ова тело, а за време на посетата одговараа и на сите прашања на граѓаните поврзани работата на ЦУКС.

- Нашите стручни лица што работат во ЦУКС им ја приближија работата и им објаснија дека во овој Центар е инсталиран современ и комплексен систем за управување на сообраќајот, што е инсталиран на 92 крстосници од каде што се прибираат информации за бројот на возила и состојбата во сообраќајот во реално време, рече Иван Киш, раководител на Центарот за управување и контрола на сообраќајот.

Посочи дека системот работи на адаптивна контрола, и преку него секоја крстосница со (соседните) околните комуницира и споделува информации за бројот на возилата, со тоа што наредната крстосница би имала информација колкав прилив на возила треба да прими и оттука дали да си го зголеми времето на зелено светло или пак да го намали.

- Граѓаните најмногу ги интересираше дали камерите што се поставени на педесетина крстосници снимаат или евентуално дали во рамки на Центарот функционира систем на казнување врз база на информациите од терен. Камерите што се во надлежност на ЦУКС служат исклучиво за мониторинг односно набљудување на сообраќајот во реално време, што не значи од друга страна дека граѓаните коишто се учесници во сообраќајот не треба да ги почитуваат сообраќајните правила, рече Киш.

Според него, ова е еден од најсовремените и најмодерни, можеби и еден од најдобрите системи за управување со сообраќај во овој дел на Европа, па преку него можеле да ја увидат промената меѓу последователни циклуси односно времетраењето на секоја фаза одделно и како куриозитет да кажат дека најчестите прекршоци во сообраќајот, за жал се преминување на црвено светло, што е причина за сообраќајните незгоди. Затоа, посочи, ЦУКС апелира до сите возачи и учесници во сообраќајот да ја прилагодат својата брзина на движење според условите на патот и да ги почитуваат сообраќајните правила.

ЦУКС официјално е отворен во 2013 и е формиран како дел од проектот за Автоматизирано управување на сообраќајот во Скопје. Со Центарот се поврзани 92 семафори што е речиси 60 отсто од вкупниот број на светлосни уреди во градот.

Центарот врши прибирање на податоци за бројот на возила во период од 24 часа, секој ден во годината, што служат за понатамошни пресметки и планирање на сообраќајот на главните сообраќајни артерии во градот Скопје. Преку системот за адаптивна контрола можат да се регулираат семафорите мануелно односно да се исклучат на трепкач или пак да се активира зелениот сигнал на конкретен семафор од еден правец, ако се увиди потреба за намалување на метежот, како и активирање на сигнални планови за тоа како треба да работат крстосниците во одреден период од денот. Преку камерите што се поставени на крстосниците во градот, но и преку индуктивните детектори поставени на коловозот, од кои се врши прибирање на податоци за сообраќајот во реално време, се следи работата на светлосните сигнали во реално време, визуелно се набљудува сообраќајот и Центарот добива комплетна слика за состојбата на сообраќајот во Скопје.

Центарот за управување контрола на сообраќајот е изведен од страна на Сварко Системс од Германија, додека софтверот за адаптивна контрола и управување на сообраќајот е набавен од МИЗАР Аутомационе од Италија. Изградбата на Центарот е реализирана во рамки на проектот Цивитас ренесанса.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/02/2018 00:27