Симен Хегстад Кругер заврши изненадувачки на прво место во дисциплината скиатлон од турнирот во ски трчање на Олимписките игри во Пјонгчанг. Тој го освои првото злато за Норвежаните на 30 километри по 24 години, а во целина тоа беше 41-ва олимписка титула за земјата на турнирите по ски трчање од зимски Олимпијади.
Првите 15 километри не беа добри за Кругер, откако тој падна и во еден момент заостануваше речиси 40 секунди од привремениот лидер Иво Нисканен од Финска. 24-годишниот Норвежанец, кој има само една победа на Светскиот куп, сепак го зголеми темпото по преполовувањето на трката и заврши на првото место со време 1:16:20.0 часа, додека Нисканен остана 19-ти по 30-тиот километар.
Норвешка освои троен подиум во скиатлон откако бронзениот од минатата Олимпијада, Мартин Јонсруд Сундби финишираше втор со време 1:16:28.0 часа, а Ханс Кристер Холунд заврши трет со 1:16:29.9. Швајцарецот Дарио Колоња пак, не успеа да ја одбрани олимписката титула од Сочи и заврши на шестото место.