Механизираните екипи кои од изутрината работеа на расчистување, успеаа да отстранат дел од наносот од лавината на коловозот на регионалниот пат Маврови Анови-Дебар.
Градоначалникот на општина Маврово-Ростуше, Медат Куртовски за МИА потврди дека сообраќајот од 12 часот, на делницата каде што паднаа лавините се одвива успорено и назименично. Куртовски изрази оптимизам дека во текот на денот состојбата ќе се нормализира.
Изминативе 24 часа во близина на Бигорскиот манастир имаше две лавини кои предизвикаа прекин на сообраќајот на регионалниот пат Маврови Анови-Дебар. Снежните врнежи предизвикаа и оштетување на електричните водови поради што во мавровско-реканскиот крај од вчера има прекин во снабдувањето со електрична енергија.