Чешката скијачка Естер Ледецка го направи најголемото изненадување во алпското скијање на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг освојувајќи го златото во супервелеслаломот.
Ледецка ја извози трката на кариерата на патот кон најсјајното одликување, до кое дојде за една минута, 21 секунда и 11 стотинки. Во борбата за златото, Чехинката само за една стотинка ја победи Ана Фајт од Австрија, која ја бранеше титулата освоена пред четири години во Сочи. Нив двете на подиумот им се придружи Тина Вајратер од Лихтенштајн, која беше десеттинка подалеку.
Ледецка скијаше на работ, неколку пати на патеката успеа да се спаси од излетување, но тоа беше повеќе од доволно да го оствари најголемиот успех на својата кариера. Колку нејзината победа никој не ја очекуваше кажува и нејзината реакција, бидејќи кога го виде резултатот, изјави: „Мора да е некоја грешка“.
Чехинката инаку е натпреварувачка во сноуборд, во којшто оствари дури подобри резултати отколку во алпското скијање. Таа е прва Чехинка која триумфирала во Светскиот куп во сноуборд, а е актуелна шампионка во паралелен велеслалом, а во алпското скијање никогаш досега не се нашла на највисокото скалило на победничкиот престол. Ледецка ја чека натпреварувањето во сноуборд.
Ледеска со тоа на Фајт ѝ застана на патот до историјата, бидејќи малку фалеше да стане прва скијачка која ја одбранила титулата во супервелеслаломот од воведувањето на дисциплината во програмата на Игрите во 1988 година во Калгари. Со тоа ја прекина доминацијата на Австријките, кои од 2006 година беа незапирливи во супервелеслаломот, а покрај Фајт, златото го освоија и Михаела Дорфмајстер и Андреа Фишбахер.