ЈЗУ Здравствен дом-Битола од денеска ќе се именува според познатиот еврејски лекар интернист д-р Хаим Абраванел, кој во периодот од 1946 до 1963 година работел во овој град.
На свеченоста која денеска ја организираат менаџментот на јавната здравствена установа Здравствен Дом, општина Битола и локалното здружение „Архам“, ќе присуствуваат претставници од јавниот живот на градот, македонското здравство, израелската амбасада, како и претставници на еврејската заедница од Македонија и странство.
Примариус д-р Хаим Абраванел дипломирал медицина во Прага во 1921 година, а специјализирал интерна медицина во Виена во 1926 година. Абраванел се смета за еден од пионерите на битолското повоено здравство, основноположник и шеф на одделението за интерна медицина. Во двецениското работење во Битола им давал лекарски услуги на многубројни лица од локалното население, меѓу кои и на првиот филмски снимател на Балканот, Милтон Манаки, кој со својата камера регистрирал дел од неговата хумана дејност.
Одлуката за именување на ЈЗУ Здравствен Дом-Битола во „Д-р Хаим Абраванел“ ја донесе Владата на Република Македонија во март 2017 година.
Од денес пред ЈЗУ Здравствен Дом-Битола поставена е нова информативна табла, како и информативно пано со кус историјат за делото и дејноста на д-р Хаим Абраванел чиј живот згаснал во израелскиот град Бат Јам во 1984 година.