Полицијата поднесе кривична пријава за „злоупотреба на службена положба и овластување“ против С.Л.(53) поранешен градоначалник на Росоман, Д.М.(46), одговорно лице во АГРОПЛАСТ РОС ДОО Росоман и Б.Ј.Ј.(35) одговорна во МБМ „Архитекти“ Скопје. Пријавените се осомничени дека го оштетиле буџетот на општина Росоман за 574.636 денари, кои, според , пријавата, биле исплатени за неизвршена изградба на потпорни ѕидови на пат.

Министерството за внатрешни работи во редовниот Билтен информира дека С.Л., во текот на минатата година, како градоначалник на општина Росоман, по претходно спроведена постапка од јавна набавка, прифатил и исплатил фактура од „Агропласт РОС“ ДОО Росоман, за изградба на потпорни ѕидови на трасата на локалниот пат од село Сирково до село Росоман и покрај тоа што знаел дека градежните работи кои се во опис на градежната докумeнтација воопшто не биле изведени од страна на изведувачот.

Второпријавениот, Д.М., како одговорно лице во ДПТУ „АГРОПЛАСТ РОС ДОО” Росоман, иако не ги извел работите наведени во описот на градежната документација, издал фактура за наплата за изградба на потпорните ѕидови во вредност од 574.636 денари.

Третопријавената Б.Ј.Ј, пак, како одговорно лице во МБМ „Архитекти” ДООЕЛ Скопје, при стручен технички надзор ја потврдила изведбата на описот на работите во градежната книга и градежниот дневник, и изготвила извештај за работите што воопшто не биле изведени од страна на второпријавениот. На овој начин пријавените го оштетиле Буџетот на општина Росоман за 574.636 денари, соопшти МВР



Автор: Администратор
Објавено на: 19/02/2018 22:35