На шест до осум локации со големина од околу 300 хектари ќе се градат мали системи за наводнување преку проект финансиран од Европската унија.
Со овие системи кои ќе бидат со ниски трошоци се очекува да се зголеми конкуретноста на земјоделството, да се одржат приходите во овој сектор и да се ублажат негативните ефекти од климатските промени.
– Состојбата со системите за наводнување не е задоволителна. Во некои региони системите за наводнување се нефункционални и руинирани поради што е потребна итна рехабилитација, како и изградба на нови, нагласи министерот за земјоделство Љупчо Николовски на денешната презентација на проектот.
Од Европската унија посочуваат дека според Светска банка земјоделството е еден од секторите кои се чувствителни на климатските промени и оти мора да се направи усогласување на земјоделските политики со овие промени за да се заштитат од ризици земјоделството и сточарството.
– Се очекува поради сушите, сите земјоделските региони да бидат погодени што подразбира големи загуби за земјоделците. Една од мерките е да се обезбеди пристап до наводнување на земјоделските региони кои ќе бидат најпогодени од климатските промени, истакна Вирве Вимпари, раководител на Одделот за оперативни работи на Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Во рамки на проектот планирано е да се изработи проектна документација за системите за наводнување за што се обезбедени средства во висина од 1,7 милиони евра, а изградбата ќе се реализира со веќе обезбедени средства од програмата ИПА 2015.
Со Националната програма за земјоделство и рурален развој се планира зголемување на потенцијалот за наводнување на 250 илјади хектари во наредните 15 до 20 години. Тоа ќе се реализира преку рехабилитација на постоечките и изградба на нови системи за наводнување.