Дванаесет планинари од Струмица, Радовиш и Гевгелија по тринаесетти пат ќе маршираат во чест на трагично загинатиот македонски претседател, Борис Трајковски.
Маршрутата долга 200 километри ја почнаа пред споменикот „Македонија“ во Струмица, подигнат во чест на Трајковски.
Тие на 26 овој месец треба да пристигнат на гробот на вториот македонски претседател на гробиштата Бутел во Скопје и да се приклучат на одбележувањето на 14 годишнината од смртта.
– Планинарското друштво „Ентузијаст“ од Струмица по тринаесети пат го одбележува денот на загинувањето на претседателот Борис Трајковски со неколкудневни активности на планинарите. Маршрутата планинарите ќе ја поминат во четири етапи и на 26 февруари ќе пристигнат во Скопје. Тоа е еден наш мал дел од нас, планинарите, што можеме да му оддадеме почит на нашиот сограѓанин Борис Трајковски, кој ги сакаше сите спортови, ги сакаше луѓето и сакаше да соработува со сите, рече Никола Ристов од ПАОК „Ентузијаст„ од Струмица.
Пред тргнување планинарите положија цвеќе пред споменикот на Борис Трајковски и му оддадоа почит со едноминутно молчење.
Освен до Скопје, седумдестина планинари од Македонија и Бугарија ќе пешачат и по падините на планината Беласица за време на претстојниот викенд.
Тие треба да се искачат на врвот „Ботра“ кој го носи името на Трајковски, на надморска височина од 1.880 метри.